Русkи дипломати во Битола

По отворањето на првото дипломатско претставништво во Битола, она на Австрија (1851), па по отворањето на претставништвото на Велика Британија (1851), како и на Франција (1854), со извесно задоцнување е отворено и претставништво на Русија.

Тоа се случило 1860 год. а на должноста руски дипломат во Битола дошол Михаил Александрович Хитрово дури во март 1861 год. Во почетокот не било во ранг на конзулат, ами било третирано за дипломатска агенција. Неговото доаѓање месните жители го проследиле со неверојатен интерес и со големи очекувања, зашто доаѓал претставител на голема словенска земја која требало да одигра клучна улога во натамошниот развој на настаните, а и русофилството веќе пуштило длабоки корења. Затвореникот Димитрија Миладинов, од Битолскиот централен затвор веднаш воспоставил контакти со надеж дека ќе изработи побрзо ослободување. Хитрово во Битола останал од 1861-1864 год. но ќе дојде уште еднаш (1878-1879). По Хитрово се редат уште неколку руски дипломати.

Го заменува Н.Ф.Јакубовски, кој многу ангажирано се вклучил во акцијата за згрижување на децата на покојниот Димитрија Миладинов, посебно на неговата ќерка Царевна да се школува во Русија. Потем доаѓа В. Максимов. Неговиот дом патеписецот М. Карлова, кого го посетила, го опишува како „гостољубива куќа". Во 1880 год. во битолското руско претставништво назначен е Неага, кој ќе остане три години. Бил во отворена опозиција и бил жесток противник на грчкиот митрополит Матеос заради неговиот однос и политика кон словенското население. Него го заменил вице конзулот Скрјабин. Традиционално и неговиот дом станал собиралиште на битолските конзули, зашто бил необично топол и гостољубив. До портата важела политиката, а оттаму предност им се давало на пријателството и убавото развлечение. Секој бил добродојден и секој го говорел својот јазик од каде што доаѓал. Гркот говорел на грчки, Бугаринот на бугарски, Италијанецот на италијански итн. Во 1895 год. во Битола доаѓа и Александар Аркадиевич Ростковски, кој својот живот го завршува со насилина смрт, со атентатот на 8 август 1903 год. Со него е и неговото семејство, а во него чест гостин е и Крсте Петков Мисирков, кој е домашен учител на децата на конзулот. Во почетокот има ранг вице конзул, а од 1901 год, е и конзул. Неговото дипломатско претставништво се наоѓало во индивидуална зграда во атрактивната и населена со богати трговци, улица (меѓу другите и на семејството Робеви), односно во денешната Белградска улица. Покрај резиденција располагал и со помала зграда што служела за сместување на стражарите, а била на аголот од другата страна на улицата. Во дворот на оваа зграда, како што може да се забележи од една разгледница од овој период се извишувал јарбол на кого се веела руската тробојка. По смртта на Ростковски со руското претставништво извесно време раководел Николај Кохмански, дотогашниот прв секретар во конзулатот. Руското дипломатско претставништво, инаку, многу често било посетувано и од обични граѓани, посебно од оние што биле малтретирани и изнасилувани од претставниците на турската управа, кои обично барале интервенции и некаква правда'". Во Фондот на Манаки во Битола има бројни фотографии на битолскиот дипломатски кор, кои се сликани и во рускиот конзулат, најчесто по повод некои прослави и свечености, најмногу при одбележувачњето на роденденот на царот Нико¬лај или по повод прославата на националниот празник на Русија.

 

 

 

Од книгата на Александар Стерјовски - „Руската колонија“

Банер

Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Банер