На шопинг у Грчка!
Колумни - Шенол Мемиш

Пишува : Шенол Мемиш
Која е најпопуларната дестинација за македонските граѓани по добивањето на визната либерализација? Солун, се рабира!!! Доколку викендов престојувавте во овој град, според бројот на граѓани кои зборуваа на македонски јазик по солунските улици, сигурно добивте впечаток како да се наоѓате во некој македонски град, а не во Грција! Ги преплавивме солунските дуќани и трговски центри, ги наполнивме кесињата и се вративме назад, со празни џебови! Им покажавме на Грците кој најмалку заработува, а сепак троши најмногу пари на Балканот за шопинг на “стока на попуст“!!!
Е сега, најмалку е важно што парите ги оставаме во земја која го оспорува нашето постоење како нација, уставното име, и на секој можен начин го блокира нашето евро-атланско интегрирање. Ние си пазаруваме од солунските продавници и си се печеме на грчкото Егејско море!
Имено, за секој што има барем елементарни познавања од математика, кога ќе ги разгледа понудите од турситичките агенции во летниот период, ќе пресмета дека едно четиричлено семејство за десетдневно летување кај нашиот јужен сосед, ќе потроши од 500 до 1000 евра. Доколку го земеме во предвид бројот на македонски граѓани, посебно на тие со биометриски пасоши, потенцијални летувачи во Грција, ќе дојдеме до заклучок дека и оваа година, неколку милиони евра ќе завршат во Грција.
Е сега, од друга страна, летувалците ќе се правдаат со фактот што Македонија нема море, а најблиските плажи со толку посакуваната солена вода се наоѓаат на југ од нашата земја. Поради тоа, тие се спремни да бидат и вратени од граница, да бидат и навредувани од грчките царинарници и полицајци, само да ги брцнат ноџињата во солена вода. Или да си купат чевли од Солун. Сеедно!
Факт е дека Република Македонија нема море, но поседува прекрасни езера со чиста вода и уредени плажи, како и планини кои нудат одлични услови за летен и зимски туризам. Македонските туристички потенцијали се надалеку познати и секоја година Охрид, Дојран, Преспа, Пелистер, Шар Планина, Маврово, имаат се повеќе странски туристи. А ние, ќе си одиме на шопинг и на море “у Грчка“. Езера, планини, манастири, археолошки локалитети, уникатни стари градби... Има што да се види и кај нас!
Токму затоа, идејата на Лилјана Поповска, лидерка на ДОМ, да се формира Министерство за туризам треба сериозно, што поскоро да се разгледа, затоа што квалитетна и ораганизирана презентација на нашите туристички капацитети, можеби и ќе не мотивира да ги посетиме и да се увериме во нивните можности. Нашата земја не може да се пофали со развиена индустрија, но туризмот, презентирањето на нашето културно наследство, здравата еколошка храна, преставуваат одлична можност за меѓународна промоција на Република Македонија како туристичка дестинација, а со тоа и ублажување на големата невработеност во земјата. А Солун и Халкидики? Гиро и узо? Благодарам - не!
Шенол Мемиш

