СИТЕ НАШИ ПРЕТСЕДАТЕЛИ

Колумни - Константин Петровски

Се на се, Ѓорѓе Иванов барем по нешто и чита. Макар да е тоа и сајтот на „Нецензурирано“ ( http://www.necenzurirano.com/). Една максима вели „Кажи ми што читаш, па ќе ти кажам кој си“. А што читаа досегашните наши претседатели? 

Киро Глигоров: Дури беше активен скоевец во кралството Југославија ја прочита „Бели мугри“ , несомненено и до ден денешен една од најубавите збирки на поезија напишана на македонски јазик. Во неговите мемоари „Македонија е се што имаме“ вели дека во детството прочитал многу книги од школската библиотека во Штип, дел од нив на хрватски јазик, што и му носело извесни проблеми во наставно – образовниот процес кој што тогаш се одвивал на српски. Подоцна кога бил подножичка во Федералната влада на СФРЈ почнал да ги чита телеграмите, честитките и официјалните кратки писма. Почнал и да им упатува одговори на оние кои што ги пишувале овие писма на што следел еден легендарен комплимент од некој негов постар колега во владата: „Ти си бре Чира био писмен!“. Така Македонија го оправда епитетот колевка на словенската писменост. Киро Глигоров беше типичен претставник на југословенски сојузен политичар – елегантен социјалистички господин кој што го ословуваат со другар, писмен партизан и експонент на водњанската аристократија. Таквите денес речиси и да ги нема, од едноставна причина – повеќето од нив се умрени.
Глигоров, веројатно дека најголем дел својот читачки стаж му го посвети на официјални документи, пишувани на стерилен јазик и со бирократски стил, па таква беше и целата негова појава. Во јавните настапи беше досаден како реферат за Први Мај напишан од најдобриот пионер во училиштето. Чест му правеа ѓо видни новинарски пера, кои што му пишуваа панагерици и пофални слова. Кога ќе се присетам на дел од нив, една работа не ми е јасна: За кого беше поголем срамот од овие писанија, за оние кои што ги пишуваа или за оној на кој што му беа наменети?
Киро Глигоров сакаше да се пофали дека е и учен економист. А што читал од економска литература? Е па видете каква ни е економијата и се ќе ви се разбистри.

Борис Трајковски: Не криеше дека негово омилено четиво е Библијата. Дури во неговата кампања, овој методистички проповедник користеше и билборди со отворена Библија на страничката на која што беше некој од неговите омилени стихови од Светата книга. Покојниот Трајковски како да се впушти во некоја благородна и утописка мисија: Да им ја пренесе добрата христијанска мисла на своите сонародници кои што поентата на својата вера ја наоѓаат во пијанење со домашно вино за Коледе и по некоја тепачка за Велигден во паркот кај пензионерите.
Едно е што човекот загина трагично, друго е што како секој човек и политичар правеше грешки, трето е што го исмеваа луѓе кои што не вредеа ни половина колку него. И веројатно многу помалку од него читаа.

Бранко Црвенковски: Срам да ви е! Помисливте на скечот на К – 15 Блажо од сабајле станува и зема една книга и почнува да чита и потоа две – три книги...Луѓе, озбилен муабет правиме.
Бранко Црвенковски на скопскиот саем на книги во 2006 година се вклучи во акцијата „ И јас подарив книга“ и подари книги наменети за установите за деца со посебни потреби „Ранка Милановиќ“ и „Димитар Влахов“.
При крајот на својот мандат ја објави книгата „Записи на едно време – пет години на чело на Македонија“. Медиумите пренесоа дека книгата е сведоштво на заложбите и ставовите на Црвенковски искажани во неговите говори, интервјуа, писма и други записи. Иако ја немам видено, книгата, се ми се чини дека Бранко наместо да си напише своја книга, си седна на компјутер и си направи копи -пејст од Интернет, па си отпечати дело. Записите според авторот се оние кои што се вредни „за историска анализа“.
Но што читаше Бранко? Искрено, појма немам. Ако се суди според неговата книга, читачкиот вкус му се движи кон весници, списанија, можеби по некоја поголема брошурка од оние кои што ги делат по семинари ОБСЕ, странските амбасади или Советот на Европа.

Ѓорѓе Иванов: На Правниот факултет, покрај другото им предаваше информатика на студентите по политички науки и новинарство, за тоа време доста успешно. Оттаму веројатно и неговата навика да чита текстови на Интернет. Во текот на предизборната кампања се пофали дека ги читал биографиите на американските претседатели.
Заедно со Љубомир Фрчковски беа уредници на книгата „Современи политички теории“.
А што треба да чита секој македонски претседател? Не треба да страда од презир кон погрешно наречената лесна литература.Треба да биде доволно паметен да знае дека она што е бестселер во Њујорк, е и најчитана книга во Битола, Скопје и на Мадагаскар.Тоа ти е глобализација, а на еден политичар од мала земја не му се исплаќа да има предрасуди кон своето време. На неговиот народ уште помалку. Мора да знае кој е Ден Браун и да има прочитано барем по една книга од серијалот за „Хари Потер“ или „Самрак“. Дома – обврзно еден примерок од „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел. Сепак, ние сме пост – комунистичка земја и тоа не смее да го заборави. Малку Фром, малку Фукојама и одвреме – навреме по некоја збирка поезија. Обврзно „Foreign affairs“ за да знае што се случува во светот и каде да ја постави својата малечка земја. Дали таков некогаш ќе имаме? Па гледајќи како помина Љубиша Георгиевски кога се кандидираше за претседател, навистина многу, многу тешко.

Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Банер